700.000 евра достапни за средните стручни училишта
Комисијата одлучи да бидат прифатени 54 предлог проекти, чие финансирање ќе се реализира етапно, во неколку фази ќе им бидат трансферирани средства на самите училишта...

Вкупно 43 средни стручни училишта со 110 предлог-проекти аплицираа на јавниот повик што го објави Министерството за образование и наука, во рамки на „Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации“ што се спроведува со поддршка на Светска банка. Се работи за грант програма, вредна 700.000 евра, ова на денешната прес-конференција го соопшти заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Согласно критериумите на грант програмата, како што рече заменик министерот, комисијата одлучи да бидат прифатени 54 предлог проекти, чие финансирање ќе се реализира етапно, во неколку фази ќе им бидат трансферирани средства на самите училишта.
Ќе бидат финансирани првите 10 најдобро рангирани проекти, за кои во текот на август ќе бидат префрлени средства на самите училишта, а реализацијата ќе почне со почетокот на учебната година, потенцира Ристовски.
Како надлежна институција Министерството за образование ќе ја следи имплементацијата тековно и ќе укажува на извесни потреби од промени или корекции, согласно прирачникот, кој за оваа намена го изработи заедно со Светска банка.
