Снегот добредојден во Полошко
На Попова Шапка наврнаа 40-тина сантиметри снег.

На Попова Шапка наврнаа 40-тина сантиметри снег. Се скија на сите патеки, а работи и Церипаши. Патот до таму е чист и прооден. Проблеми има само навечер во некои шарпланински села, каде има голомразица. Надлежните од општина Тетово се подготвени за снежни услови.
„Нормално дека таму има повеќе проблеми одколку во градот. Тие се високи планински села. Иако нема секогаш снег, таму температурите се пониски и се создава голомразица“, изјави Хусеин Демири – Раководител на сектор за сообраќај.
Во Тетово веќе се стопи и онака тенката снежна покривка што се создаде деновиве. Улиците се чистеа, а се фрли и сол.
Редовно се одржуваат и патиштата што се во надлежност на тетовската секција на Македонија пат. Од таму велат дека се снабдени со доволни количини сол и ризла, а и механизацијата е подготвена.
„Во моментов на целата територија што ја опслужува секција – Тетово нема никакви проблеми. Се интервенира на време и се фрлаат абразивни материјали“, вели Дејан Јованоски од Македонија пат – Секција Тетово.
Сепак, за екипите на Македонија пат да имаат повеќе работа, потребни се поинтензивни врнежи. Снегот им недостига и на земјоделците за заштите на есенските посеви. За тетовци, пак, повеќе снег значи и почист воздух.
Деновиве во Тетово врнеше снег кој граѓаните ко чекаа како спас од загадениот воздух. Но ниту тој не помогна многу. Концентрацијата на ПМ 10 суспендирани честички во текот на денот се искачува и до 350 микрограми на метар кубен, а дозволени се максимум 50.
Автор: Зоран Јованоски
Снимател: Даниел Евросимоски
