Турција: Притворени 47 новинари поради сомнеж за поврзаност со имамот Ѓулен
Продолжува чистката на Ердоган. Притворени се 47 новинари поради сомнеж за поврзаност со имамот Ѓулен. Истанбул отвори посебна таканаречена „гробница на предавниците“...

Во најновата серија апсења на турскиот претседател Ердоган се опфатени 47 новинари. Властите сметаат дека се поврзани со исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува за организирање на обидот за преврат, спроведен од фракција во Армијата за да бидат соборени од власт, претседателот и неговата Партија на правдата и развојот. Некогашниот сојузник на Ердоган ги негира обвинувањата.
Грчкото правосудство ги одложи за 19 август сослушувањата на осумтемина турски војници кои побараа азил. Двајца од нив побарале подолг период за да се подготват подобро за судењето. Сите негираат дека се вмешани во пучот откако Анкара побара нивна депортација од Грција.
„Се плашат да се вратат во турција зашто ќе бидат измачувани. Ми рекоа дека ќе молат за смрт, дека смртта за нив е неизбежна. Чекаме да видиме дали ќе се воведе смртна казна. Не знаеме како илјадниците затворени војници ќе бидат третирани“, вели Василики Илија Маринаки, адвокатка на војниците.
Војниците тврдат дека не знаеле дека се одвива обид за воен удар, нагласувајќи дека постапувале според наредбите од претпоставените кога ги пренесувале ранетите до амбулантите. Според нивните адвокати, со хеликоптерот биле приморани да побегнат зашто полицијата отворила оган кон нив.
Властите во Истанбул решија загинатите пучисти да бидат погребани на посебна локација на азиската страна на градот каде што веќе е поставена табла со натпис „Гробница на предавниците“.
Обидот за воен удар во Турција се случи на 15 јули. Војската зазеде клучни позиции во Истанбул и во Анкара. Неуспешен беше и обидот да се заземe зградата на Владата, како и претседателската палата која отсега ќе ја обезбедуваат системи за противракетна одбрана. Во немирите загинаа речиси 300 луѓе, а над 2.000 беа ранети.
