СДСМ со повик за членови на ад- хок комисијата и главен уредник на МРТ
СДСМ со јавен повик за доставување предлози за членови во ад- хок комисијата која треба да ги мониторира медиумите пред изборите и за главен и одговорен уредник на Македонската радио телевизија. ВМРО-ДПМНЕ очекува Парламентот да ги изгласа законските измени кои ги договорија четирите партии...

Социјал-демократите со јавен повик до новинарските и граѓанските здруженија да предложат членови во ад- хок комисијата која треба да ги мониторира медиумите пред изборите. Повикот важи и за предлог за главен и одговорен уредник на Македонската радио телевизија. Заменик- претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска вели дека ако се почитува договореното меѓу 4-те партии и финалниот состанок на крајот од јули, може да се каже дека Македонија е подготвена за избори.
„СДСМ јавно упатува повик до сите поединци- професионалци, професионални новинарски здруженија, граѓански организации, сами да се кандидираат или да кандидираат други професионалци од оваа област за членови во ад- хок телото коешто ќе врши контрола, мониторинг на однесувањето на медиумите во целиот предизборен период. Истиот повик го упатуваме и во делот на кандидати за главен и одговорен уредник на Македонската телевизија“, изјави Шеќеринска.
И опозицијата и власта очекуваат дека договорените измени ќе поминат во Собранието.
„Се надевам дека ќе добијат поддршка од пратениците. Сепак, четирите политички партии ги имаат усогласено и принципите и текстовите“, изјави Тодоров.
Партиите потписнички на Пржинскиот договор пред неколку денови договорија 100 дена пред избори да се формира техничка влада и министерот за внатрешни работи да може да смени ограничен број раководители. Претходно беше договорено прочистувањето на избирачкиот список.
Миле Ристески
