Стартува гасификацијата на Скопскиот регион

29.01.2014 16:59

Започнува проектот за гасификација на скопскиот регион со кој ќе бидат опфатени вкупно 17 општини...

Започнува проектот за гасификација на скопскиот регион со кој ќе бидат опфатени вкупно 17 општини. Инвестицијата која вреди 100 милиони евра ќе се реализира за пет години по принципот на јавно-приватно партнерство, а дел од дистрибутивната мрежа ќе биде пуштен во работа во 2016 година, соопшти премиерот Никола Груевски на денешната прес- конференција во Владата. Тој нагласи дека изградбата на дистрибутивниот систем ќе почне во 2015-та и за пет години, до 2019-та, треба да се реализираат најмалку 70% од планираната инфраструктура.

„Од денеска започнува конкретна операционализација на проектот за гасификација на Република Македонија. Во изминатите неколку години интензивно и посветено работевме на завршување на сите мерки, активности и процедури за да се дојде до оваа точка. Се работи за проект кој се однесува на целата држава кој ќе биде изведен по сите стандарди, не парцијално туку интегрално, без импровизации туку со цврсти планови и програми“, најави Груевски

Владата на Република Македонија донесе одлука да започне постапка за доделување (склучување) на договор за воспоставување на јавно- приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивен систем на природен гас во скопскиот регион. Одлуката е донесена врз основа на усвоената Физибилити студија за развој на дистрибутивни мрежи на природен гас за првиот регион – Скопскиот. Во следните неколку месеци ќе бидат разгледани и Физибилити студиите за останатите општини во Република Македонија. Повикот за оваа цел за наоѓање на приватен партнер ќе биде објавен во следните неколку дена, а се предвидува да трае до 25.05.2014.

Со проектот ќе бидат опфатени сите 17 општини во скопскиот регион и тоа општините:  Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Чаир, Центар, Општина Шуто Оризари, Сопиште, Студеничани, Зелениково, Петровец, Арачиново, Илинден и Чучер-Сандево.

Рамката предвидува договорот да се доделува на период од 20 години при што во првите пет години треба и ќе се реализираат подготвителните работи и изградбата на мрежата. По завршувањето на овој рок од 20 години целокупниот изграден систем ќе се пренесе во сопственост и владение на Република Македонија.  

Она што е значајно е дека иако периодот на примарна градба е пет години, приклучувањето на објектите и испораката на природен гас е предвидено да започне веќе во втората година од градбата на системот. Изградбата би се одвивала во периодот од 2015 до 2019 година,  меѓутоа дел од дистрибутивниот систем за природен гас ќе биде пуштен во работа веќе во 2016 година.

Анализите покажуваат декам доколку објект кој во моментот е приклучен на парно се приклучи на дистибутивен систем за природен гас, неговите годишни трошоци ќе му се намалат за 24% доколку објектот е за домување, или за 30% доколку објектот е комерцијален, услужен или индустриски.