Силна поддршка за Хилари Клинтон од првите луѓе на американската политика
Претседателскиот кандидат на Демократската партија Хилари Клинтон доби силна поддршка од првите луѓе на американската политика, претседателот и потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Барак Обама и Џо Бајден. Кандидатот за потпретседател Тим Кејн ја прифати номинацијата и предупреди зошто Доналд Трамп не смее да биде избран...

На Америка и престои уште работа и само еден кандидат има способност, интелегенција, искуство и желба да го постигне тоа, да ја направи земјата посилна заедно, е пораката од конвенцијата на Демократската партија во Филаделфија.
„Само еден кандидат го посвети животот на иднината. Мајка и баба што ќе направи се за напредокот на децата. Лидер со вистински план за урнување на бариерите и за обезбедување на шанса за секој Американец. Идниот претседател на Соединетите Американски Држави, Хилари Клинтон“, рече претседателот на САД, Барак Обама.
Хилари Клинтон е единствениот претседателски кандидат којашто ќе се бори за средната класа, за младите, за имигрантите, за побезбедна Америка, истакнаа во своите говори американскиот потпретседател и кандидат за потпретседател.
„Да кажам што е можно појасно. Ако живеете во населба како онаа во која Џил и јас пораснавме, ако се грижите за работата и добивање пристојна плата, ако се грижите за образованието на децата, има само една личност на овие избори што ќе Ви помогне, којашто отсекогаш била таму за Вас, и тоа е Хилари Клинтон“, рече потпретседателот Џо Бајден.
„За секој Американец којшто сака нашата земја да биде добра заедница, каде луѓето не се одредуваат по она што се туку се ценат по придонесите кон оваа нација, и за сите ние што знаеме дека најсветлата иднина е онаа што ја градиме заедно со мојот пријател, Хилари Клинтон. Понизно ја прифаќам номинацијата за потпретседател“, истакна кандидатот за потпретседател Тим Кејн.
Говорниците на третиот ден од демократската конвенција ги истакнаа причините зошто Доналд Трамп не смее да стане претседател.
„Ќе го кажам ова поради силната загриженост за иднината на моите деца и внуци, Доналд Трамп не смее да стане Врховен Командант“, рече Леон Панета, поранешен директор на ЦИА и секретар за одбрана.
„Мораме да се обединиме околу кандидат којшто ќе го победи опасниот демагог“, нагласи Мајкл Блумберг, бизнисмен и поранешен градоначалник на Њујорк.
Хилари Клинтон ја доби поддршката од жртвите на насилство, ветераните, полицајците, гувернери, сенатори, конгресмени. градоначалници, филмски и музички ѕвезди.
Хилари Кинтон ја има поддршката од жените, Афро и Латиноамериканците, додека Доналд Трамп ја има поддршката од мажите и белците.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
