Ексклузивно од Киев:

Украина на работ на граѓанска војна

29.01.2014 17:08

Драматичен настап во Парламентот на Леонид Кравчук, првиот демократски избран претседател на Украина ...

Драматичен настап во Парламентот на Леонид Кравчук, првиот демократски избран претседател на Украина во обид да посредува меѓу двете страни. Продолжи расправата за законот за амнестија на над 200-те уапсени во насилните антивладини демонстрации. Претседателот Виктор Јанукович веќе се изјасни дека го условува потписот со тоа што незадоволните граѓани мора да ги тргнат барикадите и да ги ослободат објектите на државните институции окупирани деновиве.

Ако има амнестија и ако останете во институциите незаконски, тогаш вршите незаконски дејствија. Откако ќе ги напуштите институциите, ќе стапи во сила амнестијата. Ако постои недоверба, тогаш да го правиме тоа во фази – ослободени институции па амнестија, изјави Володимир Олинјук, заменик на Партија на регионите.

Замената на луѓе за институции е иста како земање заложници. Затоа власта мора да ги тргне Беркут и милицијата од улиците бидејќи се таму незаконски. Нашите протести ќе бидат мирни, како што ни дозволува украинскиот Устав. За институциите – ќе ги ослободиме, а тие ќе дадат оставка, вели Александр Чорноволенко, заменик на „Татковина“

Предмалку заврши средбата на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон со претседателот Јанукович.

По оставката на премиерот, демонстрантите очекуваат да се повлече и Јанукович.Во Киев е мирно иако има информации дека се судриле две групи луѓе кои ја поддржуваат опозицијата.

Изутрината стариот премиер Азаров му ја предаде фотелјата на наследникот Сергеј Арбузов. Тој во првиот настап рече дека главна цел му е обезбедување сигурна исплата на платите.

Овде се коментираат реакциите од Вашингтон и Москва за вчерашните одлуки. Во телефонски разговор со Јанукович, американскиот потпретседател Џо Бајден ги поздравил направените отстапки и побарал од украинскиот претседател, да ја потпише суспензијата на спорните закони што ја изгласа вчера парламентот. Ја пренесуваат и изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека е против странско мешање во Украина и дека Русија никогаш нема да го прави тоа.

Но, така не мислат оние кои протестираат во центарот на Киев. Многумина се чувствутелни дури и на руските новинари кои известуваат од Киев.

„Некои луѓе ме опкружуваат и слушаат што кажувам и ако не им се допаѓа тоа што го зборувам реагираат и напаѓаат. Луѓето од Мајдан зборуваат за слобода на говорот, но ние овде немаме слобода на говор“, вели Ина Чукина, новинарка од Русија.

Но, невладините активисти во Украина го тврдат спротивното. Под  власта на Јанукович умрела слободата на говор. Оние малку што функционираат, велат дека со олеснување ја дочекале одлуката да бидат уканите 9-те спорни закони. Во спротивно им се заканувало затворање зашто биле прогласени за странски агенти.

„Во Украина не можете да бидете нормална невладина организација бидејќи овде немаме украински донатори, немаме помош од државата. Мораме да бараме извори надвор од земјата. Поради овие меѓународни донации, можеме да обезбедиме објективно информирање“, вели Љубов Акуленко, невладина активистка.

Душко Арсовски- Специјален известувач од Украина за МРТ