ОПМ: Граѓаните не се задоволни од комуналните услуги

28.07.2016 14:57

Граѓаните не се задоволни од комуналните услуги- покажува истражувањето на Организацијата на потрошувачи. Според нив, голем дел од семејниот буџет се троши на водоснабдување, осветлување, топлинска енергија, паркинг, отпад...

Граѓаните не се или се делумно задоволни од комуналните услуги - како водоснабдување, улично осветлување, собирање отпад, топлинска енергија, паркинг услуги. Според Организацијата на потрошувачите, голем дел од граѓаните не си ги знаат ниту правата. 

„Граѓаните не се ниту охрабрени да се жалат, ниту се задоволни од жалбите туку имаат проблеми кои понатаму не можат да си ги решат. Од застарените сметки кои им се доставуваат и кои не можат да си ги исплатат, а не секој знае дека може да даде изјава за застарена сметка , да не ја прифати и слично, голем број граѓани се доведени во ситуација да бараат кредити за отплата на овие сметки“, вели Маријана Лончар Велкова, претседател на Организација на потрошувачи.

Во анкетата граѓаните рекле дека не се задоволни од одговорите што ги добиваат кога ќе се пожалат за некои од комуналните услуги.

Истражувањето е спроведено на 500 испитаници. Според организацијата на потрошувачите не само што има простор за подобрување на овие услуги, туку треба да се интервенира и во законската рамка или да се донесе нова. 

На комуналните услуги, граѓаните трошат речиси една третина од домашниот буџет или околу 10-тина илјади  денари. 

 

 

Андријана Атанасовска