Светските музички атракции привлекуваат повеќе туристи во Охрид
Со нови содржини Охрид привлекува туристи во шпицот на туристичката сезона. Во рамките на фестивалот „Охрид Колинг“ охриѓани и гостите ќе уживаат во настапите на врвни музички атракции како што се групата „Продиџи“, гитаристот Ал Ди Меола и ди-џеите Ники Ромеро и Лос Фрикфенсис. Нивното доаѓање во Охрид предизвика огромен интерес во регионот и се очекува на брегот од Охридското Езеро да дојдат повеќе илјади нивни фанови...
Од 1 до 14-ти август на охридските летни сцени ќе продефилираат светски познатите музички атракции како што се групата „Продиџи“, виртуозот на гитара Ал ди Меола и ди-џеите Ники Ромеро и Лос Фрикфенсис. Интересот за овие музички настани е огромен и се очекува во Охрид да допатуваат нивни фанови од целиот регион, но и пошироко.
„Најголем доказ за тоа е продажбата на карти. Досега имаме интерес, имаме продажба во Бугарија, Србија, Албанија, Косово, Грција, значи комплетно, не само македонски фанови, туку од цел Балкан очекуваме гости, а посебно за Продиџи, за што се најавуваат и големи тури од Англија“, вели Денис Илиоски- претставник на продукциската куќа.
Со овие музички настани се воведува нов вид на понуда, која ќе биде атрактивна за голем број туристи. Целта е Охрид покрај туристичка да биде и привлечна музичка дестинација.
„Продолжуваат напорите на локалната самоуправа да воведе нови правци и нови ветришта во промоцијата на туристичката понуда на градот Охрид и на она што градот Охрид како културно забавен живот може да им го понуди на гостите и се разбира на охриѓани во текот на туристичката сезона“, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
Се очекува Фестивалот „Охрид Колинг“ во иднина да ја збогатува програмата, со што Охрид ќе се етаблира во регионален центар каде што ќе се собираат светски познати музички имиња.
Сашо Нелоски
