Парното поевтинува од 1-ви август
Од 1-ви август поевтинува парното греење- соопшти Регулаторната комисија за енергетика. Цените за корисниците на Балкан енерџи груп паѓаат за речиси 11 проценти, за ЕЛЕМ Енергетика – 11,6 проценти, а за корисниците на Скопје Север– поевтинувањето е 4 насто. Помали сметки ќе плаќаат и исклучените од системот...

Поевтинувањето на гасот и намалувањето на оперативните трошоци на трите енергетски компании што испорачуваат топлинска енергија беа причини Регулаторната комисија за енергетика да ја симне цената на парното. Домаќинствата приклучени на „БЕГ“ ќе плаќаат сметки намалени за 10,93%, оние што се на топланата „Скопје Север“ за 4, а на „ЕЛЕМ–Енергетика“ за 11,59%. Новите цени ќе бидат вметнати во сметките за август.
Според пресметките на регулаторите за стан од 50 квадрати, наместо досегашните 23.638 денари во иднина би се плаќале 20.815 денари за греење во една сезона. Порамнувањето на сметките наместо двапати годишно, ќе се прави еднаш, во мај, јуни и јули. За 2,67 % се намалува и надоместокот што го плаќаат исклучените од топлификациониот систем.
Најголемо намалување сепак ќе има кај сметките за загревање на училиштата. Тие ќе бидат помали за 40 насто што се должи на промените во тарифните категории. Отсега наместо досегашните три ќе има две категории, домаќинставата и училиштата се во една, а во втората се сите преостанати објекти. Притоа училиштата ќе плаќаат иста цена со домаќинствата, а сите други за 40 насто поскапо.
Се поголем број корисници кои биле исклучени се враќаат во системот. Лани имало 842 повратници, а годинава се очекуваат 900. Петров не ги коментира тврдењата на опозициската СДСМ која бараше намалување на цената на топлинската енергија за 30 насто, со објаснување дека методологијата оневозможува ценовни шокови и обезбедува стабилни услови за снабдување на потрошувачите.
Свето Николовски
