Собрание: Пржинските закони пред пратениците

28.07.2016 17:13

Пакетот од пет законски измени, договорен меѓу четворката партии – потписнички на политичкиот договор се во собраниска процедура. Ќе се гласаат по скратена постапка. Мандатот на владата, смените во полицијата, реформите во медиумите, изборниот законик се пред пратениците- се трасира патот за избори на 11-ти декември...

Собранието на Република Македонија во рамки на 113-тата седница ја констатира потребата за носење на измените и дополнувања на Законот за внатрешни работи, на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Законот за кривична постапка, на Изборниот законик и на Законот за Влада, сите по скратена постапка.

Измените и дополнувањата на овие закони беа договорени од страна на претставниците на политичките партии потписници на Договорот од Пржино во насока на подготовка на одржување предвремени парламентарни избори и излез од политичката криза.

Законите се носат по скратена постапка и се очекува тие да бидат изгласани во текот на утрешниот ден. Нивни предлагачи во Собранието се координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ Илија Димовски и Горан Сугарески и пратениците Артан Груби од ДУИ и Беким Фазлиу од ДПА.

Сублимирано- законите предвидуваат 100 дена пред избори во Владата влегуваат министри за внатрешни работи и труд и социјална политика. Првиот човек на МВР ќе има право да смени 15 раководители.

Измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се однесуваат на тоа дека покрај најмалку еден телевизиски програмски сервис на македонски јазик МРТ треба да обезбеди еден телевизиски програмски сервис на албански јазикот кој ќе емитуваат програма 24 часа секој ден во неделата, како и телевизиски програмски сервис кој ќе емитува програма на јазиците на другите не мнозински заедници во државата. Со овие измени, за 50 отсто се намалуваат казните за медиумите.

Ќе биде формирана ад- хок комисија која во предизборието ќе го следи известувањето на медиумите. Со законските измени се предвидува и дека ниту еден медиум или новинар не може да биде санкциониран за изразување на мислење. Изразувањето на мислење мора да биде издвоено од веста. Се предвидува и 100 дена пред изборите во јавниот радиодифузен сервис да биде назначен нов главен и одговорен уредник во информативната редакција.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски продолжението на седницата го закажа за денеска во 18:30 часот, по одржувањето на матичните комисии каде треба да бидат разгледани и изгласани евентуални амандмани по законите.