Турција: Началникот на генералштабот останува на функција
Претседателот Ердоган побара вооружените сили и националната разузнавачка агенција да бидат под контрола на шефот на државата, но за тоа се потребни уставни измени, кои мора да бидат одобрени и од опозицијата.

Турскиот висок воен совет реши, да го остави началникот на генералштабот на вооружените сили, генерал Хулуси Акар на досегашната функција.
Советот изврши неколку измени меѓу високите офицери, еден ден откако турската армија отпушти околу 1.700 нејзини припадници поради нивното учество во неуспешниот обид за воен удар на 15 јули.
Претседателот Ердоган побара вооружените сили и националната разузнавачка агенција да бидат под контрола на шефот на државата, но за тоа се потребни уставни измени, кои мора да бидат одобрени и од опозицијата.
Турскиот јавен обвинител во Анкара побарал да им бидат замрзнати сметките на 3.049 судии и обвинители, за кои се издадени налози за апсење, под обвинение дека се поддржувачи на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен и се поврзани со обидот за воен преврат во земјата.
Во меѓувреме, Турција го предупреди Киргистан дека постои опасност од државен удар кој би можеле да го организираат приврзаниците на исламскиот проповедник Ѓулен, нагласувајќи дека тие се инфилтрирани во сите државни институции во оваа земја.
Ѓулен ги демантира тврдењата за постоење на таква група. Турција го обвинува Ѓулен, кој живее во САД, дека е одговорен за обидот за пуч на 15 јули, но и дека го зајакнува своето влијание преку огромната мрежа приватни училишта не само Турција туку и во Африка и Централна Азија.
Марина Автовска
