Хилари Клинтон официјално ја прифати номинацијата на Демократската партија за претседател на САД

29.07.2016 10:30

Хилари Клинтон официјално ја прифати номинацијата на Демократската партија за иден претседател на Соединетите Американски Држави. Таа стана првата жена со претседателска номинација во американската историја. Кој ќе победи на изборите зависи кој од кандидатите, Трамп или Клинтон, ќе ја освои Флорида...

Хилари Клинтон официјално ја прифати номинацијата на Демократската партија за претседател на Соединетите Американски Држави.

„Тоа е државата за која се бориме и иднината за која работиме. Затоа мои пријатели, со понизност, одлучност и неограничена доверба во американското ветување, ја прифаќам номинацијата за претседател на Соединетите Американски Држави“, изјави Хилари Клинтон.

Хилари Клинтон стана првата жена во американската историја којашто ја доби номинацијата за претседател на една од поголемите политички партии. „Јас ќе бидат претседател за Демократите, за Републиканците, за сите коишто се борат за опстанок и подобар живот“, изјави Хилари Клинтон во обраќањето пред демократската конвенција.

„Посилни заедно, не е само лекција од нашата историја, не е само мото за нашата кампања, туку е водечки принцип за државата што отсекогаш била и иднината што ќе ја изградиме. Држава каде економијата работи за сите, а несамо оние на врвот“, рече Клинтон.

Хилари Клинтон ќе биде претседател со којшто сите ќе се гордееме, изјави нејзината ќерка Челси Клинтон претставувајќи ја својата мајка на конвенцијата во Филаделфија. Кандидатурата на Клинтон за претседател ја поддржаа ветерани и роднини на загинати американски војници.

Таа е слушател и творец. Таа е жена водена од сочуство, од верба, од силно чувство за правда и срце полно со љубов“, рече Челси Клинтон, ќерка на Хилари и Бил Клинтон.

„Веруваме во нејзината визија за обединета Америка. Веруваме во визијата за Америка како праведен и силен лидер против силите на омраза, хаос и мрак. Знаеме дека таа и никој друг,  знае да ги искористи сите инструменти на американската моќ, не само армијата, за да не чува сите нас безбедни и слободни“, рече пензионираниот генерал Џон Аленпоранешен Командант на маринците.

„Хилари Клинтон беше во право кога го нарече мојот син, најдоброто од Америка“, изјави татко на загинат војник муслиман.

Клинтон побара поддршка од поддржувачите на Берни Сендерс, неопределените гласачи и сите коишто веруваат во подобра иднина на Соединетите Американски Држави.

Кој ќе победи на претседателските избори во САД ќе зависи од тоа, кој дали Хилари Клинтон или Доналд Трамп ќе ја освои Флорида.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ