Ново пукање во САД, убиен еден полицаец
Полицајците доцна синоќа преку радио врска ја известиле централата дека запреле возило поради контрола, а набргу потоа побарале итно засилување...

Еден полицаец е убиен, а друг е ранет во пукање што се случило за време на сообраќајна контрола во Сан Диего. По инцидентот притворен бил еден маж од латиноамериканско потекло. Полицајците доцна синоќа преку радио врска ја известиле централата дека запреле возило поради контрола, а набргу потоа побарале итно засилување. Полицајците кои пристигнале на лице место утврдиле дека колегите им биле застрелани, по што едниот им подлегнал на повредите во болница. Според началничката на полицијата во Сан Диего, Шели Цимерман, рано е да се каже дали на полицајците им била направена заседа.
„Со скршено срце и огромна жал морам да ви соопштам дека еден полицаец беше убиен вечерва. Вториот полицаец е одведен на операција и се надеваме дека ќе преживее и дека целосно ќе закрепне. Имаме еден осомничен во притвор, којшто исто така е ранет со огнено оружје“, изјави Шели Цимерман, началничка на полицијата во Сан Диего.
По инцидентот, властите организираа потрага по осомничените. Во САД со недели владее тензична ситуација по пукањето врз полицајци во Далас и во Батон Руж во Луизијана. Нападите следуваа откако бели полицајци усмртија осомничени афроамериканци во Минесота и во Луизијана, што ја разгневи црната заедница.
Марина Автовска
