МАТТО: Да продолжи соработката со турските фирми
Стопанска комора на Македонија - Турција ги повика македонските компании да ја продолжаат деловна соработка со турските фирми и слободно да влегуваат во нови деловни односи. Нема ограничувања во економската соработка, велат од МАТТО, а турската влада гарантира нормални економски движења и нормално функционирање на институциите, како и стабилан монетарен и банкарски систем...
Турските власти информиралe држави на Балканот за дејствувањето на некои здруженија, бизнис- асоцијации и слични организации наводно поврзани со ФЕТО на Ѓулен. За тоа биле подготвени досиеја и документи, за да можат самите држави да одлучат како ќе постапат. Меѓу овие држави е и Република Македонија. Турскиот амбасадор во земјава Омер Шолендил не можеше ниту да ја потврди ниту да ја демантира листата на училишта и организации за кои во јавноста се зборуваше дека се поврзани со Ѓуленовото движење.
Економијата во Турција не трпи последици поради вонредната состојба, информираше престедателот на Македонско- турската стопанска комора Ејуп Кахвеџи. Фабриките работат, нема ограничувања ниту на извозот, ниту на увозот. Со економски раст од 4,8 проценти Турција останува меѓу десетте најразвиени земји во светот. Кахвеџи ги повика македонските компании да ја продолжат соработката со турските бидејќи состојбите во Турција се исти како и на 14 јули.
По случувањата на 15 јули турската лира забележа пад во однос на еврото и американскиот долар за 4 проценти, но е со тендеција на подобрување. А најголеми последици се почувствувани во туризмот, образложи Кахвеџи.
Фиљана Кока