Српско- хрватска дипломатска војна на протестни ноти

29.07.2016 15:37

Дипломатска војна меѓу Србија и Хрватска. Двете земји си разменија протестни ноти. Рехабилитацијата на Степинац и ослободувањето на Главаш ги зовреа страстите на релација Белград – Загреб...

По ланската српско- хрватска царинска војна и јунската хрватска блокада на српските ЕУ интеграции, деновиве меѓу двете држави се разви интензивна дипломатска кавга со бројни протестни ноти и остра реторика. Иако двете држави имаат технички влади-Хрватска ја чекаат избори, а Србија нова Влада, поводот според протестните ноти е со историска заднина.

Рехабилитацијата на Ајозе Степинац- надбискуп за време на фашистичката НДХ, но и ослободувањето на Бранимир Главаш- осуден за воени злосторства над Србите во  конфликт во Хрватска и отсуството на хрватска реакција по повод етнички мотивираните инциденти во Србија при одбележувањето на хрватското атифашистичко востание. За овие потези беа разменувани протестни ноти, а се разменија и остри изјави.

„За Германците Хитлер е симбол на злото. Единствено во Хрватска фашистичката творба НДХ и нејзиниот духовник Степинац се прогласуваат за херои и светци“, изјави Ивица Дачиќ- министер за надворешни работи на Р. Србија.

Хрватскиот министер Миро Ковач возврати дека српската нота е невкусен напад кој потсетува  на Слободан Милошевиќ за дестабилизација на Хрватска пред изборите.

Се јави и историчарката Латинка Перовиќ која изјави дека е опасно Хрватска да се идентификува со усташтвото. Спред неа се чувствува  јазикот на омразата, кој не враќа во  минатото. Се огласи и премиерот Вучиќ.

„Очигледно состојбата за нашиот народ во Хрватска и западно од Дрина- е се потешка и се комплицира. Наша работа е одлуките да ги носиме одговорно и сериозно и да не ја искажуваме омразата  што  ја чувствуваме“, изјави Вучиќ.

Дека помирувањето и регионалната стабилност повторно се преиспитуваат, говори и фактот што наскоро на темата за положбата на Србите во регионот е закажана средба на Вучиќ со хрватските Срби, но и со лидерот на босанските

Срби- Милорад Додик.

Состојбата може да се заостри веќе наредната недела околу прославата на Олуја- која за Хрватите е херојски чин, а за Србите- трагедија.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ