Се намалува процентот на мајки кои ги дојат своите деца
Се намалува процентот на мајки кои ги дојат своите деца- предупредуваат здравствените власти. Немањето млеко, работните обврски, болести се главните причини за ваквата негативна појава. Лекарите советуваат дека мајчиното млеко е незаменливо, мајките кои работат имаат право на пауза да продолжат да го дојат своето дете...

Родилките во земјава сакаат да ги дојат своите бебиња- велат лекарите. Но, тоа го прават само 45 проценти од мајките, бројка која секоја година се намалува - покажуваат податоците. Како главни фактори се посочуваат немањето доволно млеко, работните обврски, болест.
„Во Македонија традиционално жените дојат и доеле, не би рекла дека станува збор за помодарство, повеќе станува збор за дека кога ќе се јави некој минимален проблем мајката од страв дека нема доволно млеко престанува да дои и внесува дополнителна исхрана“, вели д-р Бранкица Младеновиќ, претседател на Комитетот за доење.
Мајчиното млеко содржи се што му е потребно на детето во првите шест месеци и е важно за правилен раст и развој – советуваат педијатрите. Но, за доењето да трае подолго време е потребна поголема поддршка од семејството.
„Поддршката на семејството која ќе ја дава на мајката да го дои своето дете значи многу, а најмногу за тоа има улога патронажната сестра бидејќи таа влегува во домот каде што е детето и може да ги види условите во кои живее“, изјави д-р Татјана Баевска Вучковиќ, директор на Здравствен дом- Скопје.
„Доењето претставува единствено и никогаш неповторлива симбиоза помеѓу мајката и детето, нешто што ние како педијатри секогаш сме го промовирале“, изјави д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести.
Породените мајки кои тргнале на работа имаат право на пауза од час и половина за да можат да продолжат да го дојат детето – ова го предвидува законот за работни односи.
„Се промени законската регулатива каде што се забрани рекламирањето на вештачкото млеко, се забрани примање на донации, спонзорство од фирми кои произведуваат вештачко млеко за да се промовира доењето и без потребно да не се промовираат вештачките млека освен во ситуации каде што е тоа медицински индицирано“, вели д-р Јованка Костовска, Министерство за здравство.
Лекарите се едногласни дека се потребни повеќе активности за да се потикнат мајките да дојат.
Андријана Атанасовска
