Помалите партии со реакции за измените во законите од политичкиот договор

29.07.2016 16:24

Од Демократскиот сојуз велат дека се спротивни на демократските принципи. Според Либералите, со ад-хок решенијата проблемите не се решаваат...

„Само се загребува по површината, а проблемите остануваат“- реакции од помалите политички партии за измените во законите кои се претходница на предвремените парламентарни избори.

Според Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, законските решенија кои произлегоа од политичкиот договор на четворката се контроверзни, дел од нив спротивни на демократските принципи. Како пример го наведува назначувањето уредник на информативната програма на МТВ.

„Избирачкиот список треба да го прочистат Државната изборна комисија и Министерството за внатрешни работи и од ДИК зависи дали ќе има избори и промени“- сметаат во Демократскиот сојуз.

Првиот човек на Либералите, Ивон Величковски вели дека со ад-хок решенијата се зема погрешен правец каде проблемите остануваат.

„Партиите се подготвени за избори, но, немам впечаток дека институциите се спремни за спроведување на фер избори“, вели тој.

Пратениците во Собранието изгласаа 100 дена пред избори, влада со двајца министри од опозицијата за внатрешни работи и труд и социјална политика, опозицинерите да предложат нов уредник на информативната програма на МТВ, да се формира тело кое ќе ги следи медиумите во предизборието.

Финалниот збор за исполнувањето на условите ќе го дадат 4-цата лидери на партии на крајот од август. Тогаш на лидерска средба треба да се потврди дали се создадени услови за предвремени парламентарни избори во декември.

 

Миле Ристески