Заврши изградбата на првиот крак на гасоводот од Клечовце до Штип
Комплетирана е изградбата на магистралниот гасовод од Клечовце до Штип. Трасата ќе продолжи кон Кавадарци. Во делницата од 61 километар се инвестирани 75 милиони долари и треба да го отвори патот за изградбата на новите делници. Надлежните велат дека во идниве четири години ќе се изградат вкупно 204 километри...

Заврши изградбата на магистралниот гасовод делница од Клечовце до Блок станица 5 Штип, која се наоѓа меѓу селата Драгоево и Селце. Инвестицијата е во вредност од 75 милиони долари. Од Македонски енергетски ресурси велат дека треба да се обезбедат пониски трошоци за струја и за греење, поголема заштита на животната средина.
„Со реализација на овие проекти се отвора нова ера во енергетскиот сектор во Македонија, од која придобивки ќе имаат сите, и домаќинсктвата и стопанството, почиста животна средина и нови врабтоувања“, изјаив Крсте Миладинов, генерален директор на МЕР АД Скопје.
„Со изградбата на оваа делница се овозможува забрзано ширење на целата гасоводна мрежа низ сите поголеми места низ државата. Она што долги години наназад се зборуваше, веќе е реалност во Македонија“, нагласи премиерот Емил Димитриев.
Надлежните најавуваат ширење на гасоводната мрежа. Делницата Клечовце- Штип, долга 61 километар е готова, надлежните најавуваат од средина на август да градат нова делница Штип- Неготино- Кавадарци.
Паралено со трасата Штип- Неготино- Кавадарци, од септември оваа година е планирано да почнат да се градат уште два крака, и тоа: трасата Кавадарци- Неготино-Прилеп до Битола, и трасата Скопје- Тетово- Гостивар. По изградбата на овие траси од гасоводната мрежа, планирано е да се продолжи на потегот Штип- Радовиш- Струмица- Гевгелија, со што Македонија ќе се поврзе со Грција. Потоа трасата од Струмица преку Ново Село до границата со Бугарија, а трасата Гостивар- Кичево- Струга до Ќафасан ќе обезбеди врска со Албанија.
„Ние сме многу горди бидејќи Македонија токму нам ни ја даде довербата да го градиме првиот крак од Клечовце до Штип“, нагласи Михаил Хрјаков, генерален директор на Строј Трансгас од Москва.
„Овој гасовод ќе помогне и за решавање на проблемот на диверзификација на испораката на енергентите во земјава. Со пуштање во употреба на новата гасоводна мрежа, Македонија ќе може да добива природен гас не само од Бугарија, туку и од Србија и од Грција“, рече Костадин Берсењев, Амбасада на Русија во Македонија.
Вкупно во период од четири години е планирано да се изградат нови 204 километри од македонскиот гасовод, со вкупна инвестиција од преку 150 милиони евра.
Наташа Јанчиќ
