Почнува гасификацијата на скопскиот регион
Со 17-те општини од скопскиот регион почнува гасификација на Република Македонија.

Со 17-те општини од скопскиот регион почнува гасификација на Република Македонија. Проектот вреден 100 милиони евра ќе се реализира преку јавно – приватно партнерство. Јавниот повик ќе се објави деновиве, а компанијата партнер треба да биде избрана најдоцна со септември. Таа ќе биде должна во првите пет години да изгради најмалку 70 проценти од дистрибутивната мрежа долга 250 километри.
“Приватниот партнер ќе биде должен да му овозможи секој корисник да плати приклучна такса од 1,25 евра по квадратен метар станбен простор, или 100 евра за станбена единица од 80 квадратни метри. За куќа од 240 квадратни метри приклучната такса ќе изнесува 300 евра. За комерцијалните објекти таксата е 1,25 евра. Иако периодот на примарна градба е пет години, приклучувањето на објектите и испораката е предвидено да започне во втората година”, изјави Никола Грувески, претседател на Владата на Р. Македонија
Граѓаните и компаниите од гасификацијата ќе имаат значителна корист. Зависно од начин на кој сега се грејат, дали на струја, парно, гас, трошоците ќе им се намалат од 24 до 51 процент. Во проектот влегуваат десетте скопски и уште седум општини кои гравитираат околу главниот град.
“При снабдувањето со енергија, граѓаните, домаќинствата и фирмите ќе имаат многу помали трошоци, се ангажираат многу помали инвестициони средства, енергијата е оптоварена со најмали оперативни трошоци, ќе има многу помали загуби на енергија, а трансформацијата на природен гас во корисна енергија се врши со највисок коефициент на трансформација. Затоа ова е многу важен момент за Р. Македонија”, изјави Никола Груевски, претседател на Владата на Р. Македонија
Договорот ќе се додели на 20 години, по што системот ќе биде предаден на владение на Република Македонија. Физибилити студиите за источниот и западниот регион ќе бидат готови за два до три месеци. До реализација на преносната мрежа, дистрибутивните системи ќе се снабдуваат со гас кој ќе се транспортира со камиони или со воз.
Мартин Пушевски
