Концерт на „Ван Гог“ во рамки на оф- програмата на „Охридско лето“
Еден од најголемите балкански рок состави „Ван Гог“, во рамките на дополнителната програма на „Охридско лето“ вечерва ќе настапи на летната сцена „Долни Сарај“. Со вечерашниот концерт „Ван Гог“ го одбележува три децениското постоење на балканската музичка сцена...
Во Охрид кулминира туристичката сезона, но и културните и забавните настани. Помладите генерации вечерва на летната сцена Долни Сарај во оф- програмата на Охридско лето ќе уживаат во настапот на култниот балкански рок состав „Ван Гог“. Со овој концерт групата ќе го одбележи и јубилејот, три децении постоење на музичката сцена.
„Триесет години подоцна не се откажавме од урбаниот дух. Мило ми е што „Охридско лето“, каде што настапуваме прв пат го менува својот креативен курс и креативниот метаболизам го шири кон некоја друга насока, поинаква од вообичаената, која во претходните години беше главна одредница“, изјави Звонимир Ѓукиќ- Џуле.
Фестивалот со овој концерт се отвори и кон „офф програмата“, при што ќе понуди неповторливо доживување и за друг вид публика, а не само за класичните музички дела.
Групата Ван Гог во два наврати, во 2007-ма и седум години подоцна е добитник на престижната награда ма МТВ Адрија во категоријата за најдобар изведувач. Од формирањето во 1986 година досега овој рок состав има објавено 9 албуми.
Сашо Нелоски
