Македонските мировници пример за професионалност

01.08.2016 15:12

Воена делегација во посета на македонските мировници и на Командата на мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул. Во контигентот има 39 припадници на АРМ. Началникот на генералштабот Величковски, на средби со командантот на мисијата, генерал Николсон, и одговорните старешини во командата...

14 години во континуитет македонските мировници даваат свој придонес во зачувување на глобалниот мир и безбедноста. Припадниците на АРМ се обучени на највисоко ниво, учествуваат во најсложените операции.

„Нашите мировници извршуваат одговорна задача во Кабул, што само за себе борува за довербата што ја имаат нашите припадници од коалициските партнери“, вели потполковник Тони Јаневски, портпарол на ГШ на АРМ.

Воена делегација на Армијата На Република Македонија предводена од началникот на генералштабот на АРМ Методија Величковски е во посета на македонските мировници во Кабул.

Во моментот, македонскиот контингент го сочинуваат 39 припадници на АРМ кои ги извршуваат должностите во Кабул, Авганистан во мисијата „Одлучна поддршка“ .

13 штабни офицери се во командата за обука, асистенции и советување, шестмина се во истата команда во мисијата на север, а 20 –тина припадници на АРМ се грижат за безбедноста на главната команда на минисјата „Одлучна поддршка“. Секој контингент се испраќа се поподготвен. Наученото се надоградува со обуки.

„Што се однесува на примената на процедурите и тактиките што ги применуваат партнерските земји од НАТО, ние целосно сме компатибилни при извршувањето на задачите во овие 14 години во мисиите каде пшто учествуваме, пред се, во мисијата ИСАФ во „Одлучна поддршка“. Таму научените лекции ги применуваме и ги вградуваме во нашите обуки со што во целост подготвени заминуваме во секој нареден контингент“, изјави потполковник Јаневски.

Во мисијата на ЕУФОР- Алтеа во Босна и Херцеговина се и тројца припадници на АРМ што извршуваат штабни задачи. Претходно во оваа мисија Македонија учествуваше со хеликоптерска поддршка и медицински тим. 12 години АРМ учествуваше во мисијата ИСАФ, со скромен почеток од двајца штабни офицери, по што следуваше учество со пешадиска чета од 160-тина македонски мировници. Во 2010-та паралелно се учествуваше и во наменските сили „Феникс“ заедно со оружените сили на САД со 247 мировници.

Наташа Гркова- Петрушевска