Турција: Нови апсења во војската
Турските власти ги уапсија командосите кои за време на воениот пуч планираа да го заробат Ердоган во Мармарис. Полицијата трага по уште еден војник...

Турските власти соопштија дека при операција во околината на туристичкото место Мармарис на турскиот брег на Егејското Море биле уапсени девет лица, осомничени дека се дел од групата која изврши напад врз истоимениот хотел, во којшто претседателот Ердоган беше на одмор за време на обидот за воен преврат на 15 јули. Ердоган бил во хотелот со своето семејството, кога доцна вечерта на 15 јули добил информации за обидот за преврат и по препорака, било одлучено веднаш да биде преместен на друго, побезбедно место.
Во меѓувреме, откако владата минатиот викенд најави промени во армиската структура, турскиот вицепремиер Нуман Куртулмуш изјави дека Турција има цел да ги спречи нејзините вооружени сили повторно да бидат искористени за извршување преврат. Новите мерки предвидуваат учество на замениците премиери и на министрите за правда, за внатрешни работи, надворешни работи и за одбрана во високиот воен совет, затворање на повеќе воени училишта, поврзување на Военомедицинската академија како и на други воени болници со министерството за здравство и преминување на трите рода на војската под контрола на Министерството за одбрана. Меѓудругото, Турција размислува и за преструктуирање на разузнавачките служби, а претседателот Ердоган бара покрај генералштабот на Армијата под контрола на шефот на државата да се стави и националната разузнавачка служба МИТ.
Инаку генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, кој в среда ќе престојува во официјална посета на Анкара изјави дека организацијата е загрижена од степенот на чистки кои се прават во војската, државните институции, универзитетите и медиумите во Турција. Јагланд на нагласи дека една од главните цели на неговата посета во Турција е собирањето на факти за обидот за преврат како и реакциите на турските власти по него. Јагланд ги осуди заговорниците во Турција, но објасни дека при справувањето со нив треба да се почитуваат принципите на правото и да не се излегува од одредените рамки. По обидот за преврат турските власти приведоа околу 13 илјади лица, меѓу кои војници, полицајци, судии и обвинители, и отпуштија од работа околу 45 илјади државни службеници.
Марина Автовска
