Во ДИК досега се пријавиле 756 граѓани со спорни записи

01.08.2016 16:02

За еден ден – нови 150 пријави. Повеќе од 750 граѓани со спорни записи досега се обратиле до Државната изборна комисија, за да бидат запишани во избирачкиот список и да можат да го остварат своето гласачко право. На речиси 40 илјади граѓани, по вкрстените и теренските проверки, не им се совпаѓаат податоците...

Државната изборна комисија ги повика граѓаните да се проверат во објавениот список на спорни гласачи и да го потврдат своето избирачко право. Досега се пријавиле над 750 граѓани, лично во ДИК, во општинските канцеларии или преку интернет. Речиси 550 избирачи се пријавиле електронски преку веб - апликацијата на Комисијата. Од среда стартува кампањата за информирање на гласачите со спорни записи.

„Заклучно со денес до 13 часот до ДИК се пријавија вкупно 756 граѓани. Најголем дел од нив за пријавување ја искористија веб апликацијата, или 549 граѓани, додека 207 се пријавија во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК“, изјави Љупка Гугугчевска од ДИК.

Близу 40 илјади  спорни гласачи до 19-ти август треба сами да се пријават за да се регистрираат за гласање. Најмногу пријави до Државната изборна комисија пристигнале од Чаир, Аеродром, Центар, Кичево, Карпош. 

„Следува дополнителен рок од 10 дена во кој што најмалку тројца членови од ДИК, може да побараат дополнителна проверка на некоја од поднесените пријави“, изјави Гугучевска.

Листата на спорни гласачи предизвика големи реакции во јавноста, откако на неа се најдоа имиња на познати јавни личности. Сепак, од комисијата посочуваат дека нивните имиња произлегуваат од вкрстените административни и теренски проверки.

 

Игор Панов