Ципрас на средби со бугарскиот државен врв
Алексис Ципрас пристигна во Софија. Премиерите на Грција и Бугарија ќе ги разгледуваат можностите за соработка во енергетиката, транспорот, одбраната. Засега нема официјални изјави од средбата, а Ципрас преку Твитер ја опиша Бугарија како најблискиот партнер на Балканот...

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денeска одржува средби со бугарскиот државен врв. Во делегацијата на Цирпас се и министрите за економија, развој и туризам, шефот на дипломатијата, министерот за енергија,за одбрана, за миграција и други.
Енергетските проекти се една од главните теми на разговор меѓу грчкиот премиер Ципрас и бугарскиот колега Борисов. Софија планира да учествува во проектот за изградба на терминал за течен гас близу Александропулос и тие сметаат дека терминалот ќе бил можност за деверзификација на традиционалните руски испораки на гас за земјата, со тоа што ќе биде обезбеден гас од Азербејџан и Иран.
Извори од грчката влада пак велат дека Бугарија е особено значаен партнер во полето на енергијата не само за Грција, туку и за поширокиот план на Соединетите Американски Држави и Европската Унија за диверзификација на енергетските извори преку неколкуте планирани гасоводи.
Освен за енергијата, грчкиот и бугарскиот колега разговараа за прашањата поврзани со граничната безбедност, миграцискиот притисок како и за ситуацијата настаната по одлуката на Британија да ја напушти Европската Унија.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
