Јилдирим повлeчe 1.500 тужби за навреда и клевета
Продолжува чистката во Турција по неуспешниот воен преврат. Отпуштени се 94 фудбалски судии. Германската војска го зајакна обезбедувањето во НАТО базата во Инџирлик. Ердоган и Јилдирим повлекоа голем број тужби за клевета...

Турскиот премиер Бинали Јилдирим соопшти дека повлекол 1.500 тужби за навреди и клевети против повеќе лица, меѓу кои и опозиционери, новинари и писатели. Во интервју за телевизијата СИ-ЕН-ЕН Турк, Јилдирим изјави дека тужбите за навреди и клевети насочени кон него или кон неговата функција, биле повлечени уште во понеделникот. Меѓудругото тој истакнал дека ова го прави за да продолжи соработката со опозицијата и проблемите да ги решат преку дијалог.
Претседателот Ердоган исто така најави сличен гест кон опозицијата, за да покаже добра волја во однос на затоплување на односите по неуспешниот обид за преврат на 15 јули.
Во меѓувреме, Турската фудбалска федерација соопшти дека отпушта од работа 94 арбитри и други спортски работници, како дел од чистката на турските власти во државниот сектор.
Во Турција се врши прочистување на државните структури од приврзаници на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, а кого Анкара го обвинува дека е одговорен за пучот во земјата.
Инаку германската војска ги зајакна безбедносните мерки на војниците во НАТО базата Инџирлик во Јужна Турција. Воен претставник изјавил дека по спречениот обид за преврат во Турција само авиони опремени со средства за противракетна одбрана имаат дозвола да влегуваат во базата. Новите мерки за безбедност се краткорочни и превентивни и се усвоени од Германија, заедно со САД, како и другите партнери на НАТО. Како што нагласи германскиот воен претставник, нема непосредна опасност за германската војска, која е распоредена во базата.
Марина Автовска
