Брегзит: Директните ризици- мали, индиректните зависни од ЕУ
Влијанијата од Брегзит врз домашната економија ќе бидат мали, но индиректно зависат од последиците што ќе ги има европската економија која е наш најголем трговски партнер. Најпогодени се финансиските институции лоцирани во Британија. Се очекува британската економија да забави во втората половина од оваа и во наредната година...

Потенцијалните директни ризици од Брегзит врз македонската економија ќе бидат мали, но индиректните ќе зависат од ефектите врз Европската унија како наш најголем трговски партнер, оценува Народната банка. Неизвесноста од пролонгирање на излезот може да ја зголеми воздржаноста од инвестиции. Во вкупната трговска размена пак учеството на Британија е релативно ниско. Во изминатите пет години извозот е во просек 6,5 насто од БДП, увозот е 9,2 проценти, со висока концентрација на внесени платина и други метали. Незначителна е и зависноста од учеството на британската валута во депозитите и кредитите во билансот на домашниот банкарски сектор – стои во извештајот на Централната банка.
Со пад на вредноста на британската фунта и со намалување на цените на акциите на британските банки и компании- исходот од референдумот удри по финансиските пазари. Најновиот квартален преглед за малите и за средните фирми покажува- оптимизмот на бизнисмените паднал со најбрза стапка од јануари 2009-та кога економијата на Велика Британија беше во рецесија.
„Ние очекуваме Велика Британија да доживе значително економско забавување во втората половина на оваа и во текот на 2017-та. Постои можност за таканаречена „техничка рецесија“ во следните 18 месеци. Но постои и зголемен ризик од влошување во блиска иднина. Комитетот за монетарна политика треба да го филтрира порастот на инфлацијата и да ја олесни монетрната политика значителни во следните месеци“, вели Сајмон Кирби, Институт за економија и социјални истражувања.
Се уште рано да се оцени ефектот на Брегзит врз глобалното макроекономско опкружување- велат економските аналитичари. Но, во последниот извештај на ММФ, извршена е надолна ревизија на светскиот економски раст за 0,1 процентен поен, во однос на априлската проекција за годинава и 2017-тата.
Сузана Фиданска- Стоевска
