Минхен: Доживотен затвор за двајца поранешни агенти на УДБА
Ова е втора пресуда за овој случај откако во 2008 година, суд во Минхен го осуди хрватскиот државјанин Крунослав Пратес на доживотен затвор за помагање во убиството на Ѓурековиќ...

Минхенскиот суд ја донесе пресудата. Некогашните припадници на југословенските и хрватските тајни служби, Јосип Перковиќ и Здравко Мустач, заработија доживотен затвор поради соучество во убиството на хрватскиот емигрант, Стјепан Ѓурековиќ, во 1983 година во Германија.
Ова е втора пресуда за овој случај откако во 2008 година, суд во Минхен го осуди хрватскиот државјанин Крунослав Пратес на доживотен затвор за помагање во убиството на Ѓурековиќ. Пратес беше осуден затоа што на Перковиќ му го дал клучот од гаражата во која потоа бил убиен емигрантот, кој потоа му го дал на директниот извршител на убиството, кој до овој момент не е идентификуван.
Државното обвинителство во својот завршен збор кривичното дело помагање при убиство го преквалификува во убиство со предумисла за што, според германските закони е предвидена доживотна казна.
„Оваа пресуда е чиста копија на пресудата на Пратес. Очигледно има за цел да ја сочува честа на германското правосудство и на таа пресуда. Што се однесува до клучните докази, вие тоа не можете да го препознаете, но во клучните сегменти, докази нема“, вели Анто Нобило, адвокат на Јосип Перковиќ.
„Пресудата е очекувана со месеци. По се што слушнавме од доказите, пресудата просто не можеше да биде поинаква“, вели Синиша Павловиќ, адвокат на Гизела Ѓурековиќ.
Германскиот суд уште во 2009 година побара екстрадиција на Перковиќ и Мустач, но тогашната хрватска влада непосредно пред приклучувањето на Хрватска во ЕУ во 2013 година, донесе специјален закон, наречен „Лекс Перковиќ“, со што двајцата ги заштити од екстрадиција.
По извршениот притисок од ЕУ, Перковиќ, сепак, во 2014 година беше екстрадиран во Германија. Судскиот предмет на Перковиќ беше повод за влошување на односите меѓу Хрватска и Германија и заради одбивањето на екстрадицијата германскиот канцелар Ангела Меркел не присуствуваше на свеченоста по повод приемот на Хрватска во ЕУ.
Според германските закони, Перковиќ и Мустач своите казни ќе ги издржуваат во хрватски затвор.
Марина Автовска
