Жртви на патот Удово- Демир Капија
Седумгодишно дете остана без родители по стравичниот судир на два автомобила и автобус на патот Удово- Демир Капија. Се утврдуваат причините за несреќата...

Седумгодишно дете остана без родители по стравичната сообраќајна несреќа што се случи изутрината околу 7 часот и 20 минути на патот Удово- Демир Капија кај месноста Света Петка. Како што информираат од јавното обвинителство, во сударот учествувале два автомобила, ауди и фиат и еден автобус на Струмица експрес. Двајцата патници во фиатот починале на самото место, додека нивниот седумгодишен син ја преживеал несреќата.
Од Ургентниот центар за МТВ потврдуваат дека повреденото дете со возило на велешката Итна медицинска помош е пренесено во скопскиот Клинички центар. Лекарите утврдиле дека има тешки телесни повреди, поради што го хоспитализирале и ќе биде под 24 часовен медицински надзор.
Возачот на аудито, инаку српски државјанин е задржан на распит во полициска станица, додека сопатничката од возилото и двете деца се пренесени во велешката болница.
Истрагата на самото место треба да ги утврди причините за несреќата.
1.795 сообраќајни несреќи во кои имало повредени патници се случиле од почетокот на годинава. Црната статистика пребројала дека 85 луѓе никогаш не стигнале на крајната дестинација. Бројот на жртви е за 10 проценти поголем во однос на минатата година.
Најмногу несреќи со жртви се случуваат на улиците во Скопје, Тетово и Струмица.
Анита Димитријевска
