Истражување: Хипернормираност во образованието и медиумската сфера

03.08.2016 16:25

Наместо со подзаконски акти, голем дел од прашањата во земјава непотребно се регулираат со закони- предупредуваат од Институтот за општествени и хуманистички науки. Велат- ова најмногу доаѓа до израз во образованието и медиумската сфера...

Истражувањето на Институтот за општествени и хуманистички науки покажало дека во државава постои хипернормираност, што значи дека и онаа материја којашто може да се уреди со подзаконски акти, се нормира во законите. Тоа е особено изразено во регулативата за високото образование и во областа на медиумите. Според нив, во Законот за високото образование е предвидено казна затвор од три години, што не е дозволено, зашто овие одредби треба да бидат дел од Кривичниот законик. Артан Садику од Институтот смета дека казните за кривичните дела треба да бидат исклучиво во ингеренции на судската власт.

Според емпириските податоци врз чија основа е спроведено истражувањето се забележува нагорна тенденција на зголемување на бројот на глобите и нивната висина.

Според Алексовски, ако се направи споредбена анализа со развиените европски држави, во нивните закони за образование постои само една парична казна. Во нашето законодавство, пак, во 2014 година со измените во Законот за високото образование бројот на казните достигнал 63. Како пример тој ги посочи и законите што ја регулираат медиумската сфера и предвидуваат глоби што се движат од 1.000 до 100.000 евра, додека бројот на паричните казни за медиумите е зголемен тројно од 2005, кога имало 23 казни, додека во 2014 бројката е зголемена на 73 глоби.

 

Игор Панов
​​