Нападот во Лондон- можен терористички акт?!

04.08.2016 12:22

Една жена е убиена, а петмина други се ранети во напад со нож во центарот на Лондон. Според првичните информации на полицијата, нападот го извршило лице со ментално нарушено здравје. Дополнително ќе се испитува дали можеби станува збор за терористички акт...

Вистинска драма се одвивала синоќа на плоштадот Расел во Лондон. Една жена е убиена, а петмина, меѓу кои мажи и жени се повредени во напад со нож, во центарот на градот, во близина на познатиот Британски музеј. Според полицијата, вооружен маж со нож ги прободувал случајните минувачи. Откако полицијата го совладала со електрошок, констатирано е дека се работи за 19 годишен тинејџер со нарушено ментално здравје. Очевидци, вознемирени од засиленото полициско присуство на плоштадот, велат дека 80-тина вооружени полицајци со над 20 полициски возила го пребарувале едно од најфреквентните места во британската престолнина.

„Излегов од киното и видов полицаец со автоматско оружје на улицата. Знаев дека нешто не е во ред. Како што се движев понатаму по улицата забележував се повеќе полицајци на плоштадот Расел. Подолу забележав тело покриено со ќебе со крв наоколу. Прашав во локалниот бар што се случило, луѓето што седеа наоколу рекоа дека имало инцидент“, изјави Паул Геипенеих, очевидец.

Засилено полициско присуство е забележано и надвор од областа каде што беше извршено убиството. Според асистентот на полицијата за специјални операции, менталното здравје на приведениот е значаен фактор во истрагата, но дополнително ќе се испитува дали можеби станува збор за терористички акт.

„Се разбира во оваа фаза треба да се задржи отворен ум во врска со мотивите за нападот, со самото тоа останува тероризмот како мотив. Натамошната истрага треба да покаже во која насока ќе се движи истражувањето“, изајви Марк Роули, асистент за специјални операции.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан ги повика лондончани да останат мирни, будни и претпазливи. Тој изјави дека се испитуваат мотивите, а полицијата прави се што е во нејзина моќ да обезбеди безбедност за населението на главниот град и многубројните туристи. Според аналитичарите за безбедност, овој акт е идентичен со нападите на тинејџери што беа извршени во Ерусалим, кои пак во изминативе месеци зачестија во Европа. Сличен напад со секира беше извршен минатиот месец во воз во Германија.

 

Маријана Димовска