Пораст на приливот на бегалци и мигранти на турско- грчката граница

04.08.2016 13:05

По обидот за воен удар во Анкара, грчките власти стравуваат од повторна ескалација на кризата што демнее пред портите на Балканот. Состојбата ја комплицираат и затегнатите турско- грчки односи...

Грчките власти го вклучија алармот поради повторниот пораст на приливот на бегалци и мигранти што доаѓаат од Турција. Приливот е особено зголемен по пропаднатиот обид за воен удар во Турција, а грчките власти велат дека тој константно расте.

Зад мене се наоѓа најголемиот импровизиран бегалски камп во Атина, сместен во просториите на стариот аеродром во местото Еленико. Во Грција во моментов се наоѓаат над 57.000 бегалци и мигранти кои што се сместени низ целата територија на земјата.

Состојбата дополнително ја комплицираат затегнатите турско-грчки односи, поради осумината турски војници кои што побараа азил во Грција по воениот удар, додека официјална Анкара повикува на нивно итно враќање, бидејќи во спротивно ќе бидат нарушени билатералните односи.

Заострува и реториката меѓу Турција и ЕУ. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го обвини Западот за организирањето на воениот удар, додека шефот на дипломатијата Мевлут Чавушоглу најави дека Турција ќе се повлече од договорот со Европската Унија во однос на мигрантите во октомври, доколку не биде дозволен безвизен режим за турските граѓани. Од Европската Комисија пак засега се со ставот дека е речиси невозможно ЕУ да им даде безвизен режим на Турците поради тензиите во Анкара после воениот удар.

„За жал, некои европски земји на нивните аеродроми имаат реклами на нивните аеродроми на кои што пишува „Не одете во Турција, со тоа ќе го поддржите Ердоган”.  Каква е таа демократија ? Ја не сум претседател кој што е дојден на власт со воен удар, јас сум претседател кој што доби 52 проценти од гласовите на јавноста“, изјави турскиот претседател, Реџеп Таип- Ердоган.

И додека опасноста од повторна ескалација на мигрантско- бегалската криза демне пред портите на Балканот, поделеноста расте не само во Европската Унија, туку и во самите земји членки.

Минатата недела беше одбележана со жестоки напади врз политиката за отворени граници на германската канцеларка Ангела Меркел од страна на министерот за финансии и премиерот на Баварија.

„Неконтролираното и нелимитирано отворање на границите беше и останува историска грешка“, изјави Маркус Содер, министер за финансии на Баварија.

Баварскиот премиер Хорст Сихофер пак истакна дека тој се залага за лимитирање на миграцијата бидејќи тоа е предуслов за безбедност на земјата и на граѓаните.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ