Во ДИК се пријавиле 1.560 граѓани со спорни записи

04.08.2016 15:02

Државната изборна комисија ги интензивира активностите, ги повикуваа граѓаните да си да направат проверка на податоците. На списокот на спорни записи сега е наведена и причината зошто лицата се наоѓаат на листата. Околу 18 илјади лица ги нема во други бази освен во МВР, кај 21 илјада има несовпаѓање со податоците...

Кај приближно 21 илјада гласачи, меѓу кои и јавни личности е утврдено несовпаѓање по адресата на живеење. Дополнително 18.000 избирачи според ДИК од 2009-тата до 2015-та не биле регистрирани во базите на податоци, освен во оние на МВР и евентуално во базата на Управата за водење на матичните книги. ДИК даде објаснување по која основа гласачи се најдоа на листата на спорни избирачи. Првиот човек на Комисијата Александар Чичаковски, повика гласачите идентификувани како спорни, до 19 август да се пријават во подрачните одделенија на Комисијата. За да се информираат спорните гласачи како да го искористат правото на глас, се делат флаери и се емитуваат видео спотови.

„Апелирам до сите граѓани да ја посетат нашата веб страница, да го проверат списокот со 39.502 граѓани, и доколку се наоѓаат на тој список да се пријават веднаш или преку нашата веб апликација која е достапна за користење преку компјутер, но и преку мобилен телефон, или пак во некое од нашите подрачни одделенија и канцеларии, како и дополнителните канцеларии кои работат секој ден од 8:30 до 19 часот“, изјави Љупка Гугучевска, советник во ДИК.

Спорните гласачи коишто ќе го испуштат првиот рок за да се евидентираат во ДИК, ќе имаат втора шанса за време на јавниот увид во избирачкиот список, непосредно пред изборите. Чичаковски на брифингот со новинарите информираше дека кај сите членови на ДИК постои волја доследно да се спроведе решението за граѓаните да имаат доверба во Избирачкиот список и за да се спроведат кредибилни избори. По истекување на рокот ИТ групата до ДИК ќе испрати технички извештај со збирни податоци кој ќе се разгледува на седница. По неговото усвојување, ќе се испрати до политичките партии кои треба да утврдат дали се исполнети условите за оддржување на избори на 11 декември.

Покрај името, презимето и останатите лични податоци, за прв пат во овој изборен циклус, во избирачкиот список се воведува и фотографија од гласачот. Целта, како што информираат од ДИК е да се спречи евентуална злоупотреба, некое лице да гласа со фалсификуван документ. Во избирачкиот список ќе стои фотографијата или од пасошот или од личната карта, во зависност од тоа која е од понов датум.

До ДИК досега се пријавиле повеќе од 1.500 граѓани, чии записи во Избирачкиот список по извршените теренски и вкрстени проверки се означени како спорни. Најмногу пријави има во Чаир, Тетово, Центар, Аеродром, Кичево и во Гостивар.

 

Анита Димитријевска