Норвежанец со сомалиско потекло одговорен за нападот во Лондон

04.08.2016 15:15

Една жена е убиена, пет лица се ранети во напад со нож во центарот на Лондон. Осомниченото деветнаесетгодишно момче е уапсено. Според првичните информации, е со ментално нарушено здравје. Тероризмот е дена од можностите што според полицијата се истражува во оваа фаза...

Вистинска драма се одвивала синоќа на плоштадот Расел во Лондон. 60 годишна Американка е убиена, а петмина, меѓу кои мажи и жени од Британија, САД, Израел и Австралија се повредени во напад со нож, во центарот на градот, во близина на познатиот Британски музеј. Според полицијата, вооружен маж со нож ги прободувал случајните минувачи. Откако  полицијата го совладала со електрошок, констатирано е дека се работи за 19 годишен тинејџер од Норвешка со сомалиско потекло, кој имал  нарушено ментално здравје. Полицијата соопшти дека станува збор за спонтан напад и дека жртвите биле избрани случајно.

„Нагласувам дека не најдовме докази за радикализација кои би укажале на тоа дека притворениот имал терористички мотиви. Целата истрага сугерира дека други фактори се релевантни за мотивацијата за вакви постапки. Истрагата се уште не е целосно завршена. Според досегашните информации, трагичниот инцидент е резултат на нарушена ментална здравствена состојба“, изјави Марк Роули, асистент за специјални операции.

Очевидци, вознемирени од засиленото полициско присуство на плоштадот, велат дека 80-тина вооружени полицајци со над 20 полициски возила го пребарувале едно од најфреквентните места во британската престолнина.

„Излегов од киното и видов полицаец со автоматско оружје на улицата. Знаев дека нешто не е во ред. Како што се движев понатаму по улицата забележував се повеќе полицајци на плоштадот Расел. Подолу забележав тело покриено со ќебе со крв наоколу. Прашав во локалниот бар што се случило, луѓето што седеа наоколу рекоа дека имало инцидент“, вели Паул Геипенеих- очевидец.

Градоначалникот на Лондон Садик Кан ги повика лондончани да останат мирни, будни и претпазливи. Тој изјави дека се испитуваат мотивите, а полицијата прави се што е во нејзина моќ да обезбеди безбедност за населението на главниот град и многубројните туристи.  

 

Марјана Димовска