Жителите од импровизираните домови под Кале излегоа на протест пред седиштето на Град Скопје

04.08.2016 16:16

Неколку жители од импровизираните домови под Кале, кои беа урнати на 1-ви август, излегоа на протест пред седиштето на Град Скопје. Побараа да не се дислоцираат. Од Град Скопје, пак, велат дека овие луѓе, импровизираните живеалишта ги подигнале на земјиште на приватен инвеститор, кој реагирал до градот...

Педесетина жители од ромското маало под Кале, чии импровизирани живеалишта беа урнати пред неколку дена, излегоа на протест пред канцелариите на градоначалникот на Скопје за да побараат решение за проблемот со нивното домување.

Нивни претставници влегоа да разговараат со градските власти за изнаоѓање заедничко решение. Од Град Скопје велат дека земјиштето било приватно, а во неколку наврати ги предупредувале жителите да ја напуштат локацијата бидејќи нивното засолниште е нелегално.

Од невладината „Амбрела“по разговорот со одговорните во Град Скопје рекоа дека жителите ќе можат да останат таму уште неколку дена додека да се најде решение.

Половина од земјиштето на кое Ромите ги градат своите импровизирани домови е државно, другата половина е во приватна сопственост.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска