Претседателот Иванов ќе ја предводи македонската делегација во Рим на канонизацијата на Мајка Тереза
Во септември македонката Мајка Тереза станува светица, ќе биде канонизирана од Папата Франциск. Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на 4-ти септември во Ватикан ќе ја предводи државно-црковната делегација, во која се и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, Груевски, Заев и Ахмети. Лидерот на ДПА, Тачи, сѐ уште не одговорил на поканата на претседателот Иванов...

На 4-ти септември, македонска државно- црковна делегација патува за Рим на свечениот чин на прогласувањето на Мајка Тереза за светица. Ќе ја предводи претседателот, Ѓорге Иванов. Ги поканил и лидерите на четирите најголеми политички партии. Потврда дека ќе патуваат со него добил од Груевски, Заев и Ахмети. Шефот на државата во писмото до нив напишал:
„Канонизацијата на Мајка Тереза е настан што сите нас треба да нè издигне над секојдневните политички тензии и недоразбирања и да ни помогне да го препознаеме човекот и човечкото во нашиот политички противник. Сметам дека ова е одлична можност за барем еден миг да ги оставиме разликите зад нас и пред меѓународната јавност, но, уште поважно, пред македонските граѓани да покажеме единство“- се вели во писмото од претседателот Иванов до лидерите на четирите партии.
Тој, за обединувањето на претстојниот настан зборуваше и на Илинден.
„Само седум години по Илинден 1903-та, во центарот на Скопје, во микрокосмосот на религиски, етнички и јазичен плурализам, меѓу христијани, муслимани и Евреи се роди една девојка која го следеше заветот на св. Климент. Посветувајќи им го животот на отфрлените и на сиромашните во светот, скопјанката Мајка Тереза стана препознаена како мајка на милосрдието или мајка на 20-от век. Само неколку дена пред нашата прослава на 8-ми септември, светот ќе ја прославува канонизацијата на Мајка Тереза во Рим. Канонизацијата е настан што сите нас во Македонија треба да нè издигне над секојдневните политички тензии и недоразбирања, и да ни помогне да го препознаеме човекот и човечкото во политичкиот противник. Канонизацијата на Мајка Тереза е чин што ќе го обедини светот. Крајно време е да нè обедини и нас“, рече Иванов во својот говор на Пелинце.
На свеченоста, покрај македонскиот претседател, ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи и за култура, Никола Попоски и Елизабета Канческа- Милевска, делегации на Католичката и на Македонската православна црква, скопскиот градоначалник и член на фамилијата на Мајка Тереза. Од Кабинетот на Иванов информираат дека како земји на нејзиното потекло, раѓање и мисија- Македонија, Албанија и Индија ќе имаат посебно место на оваа свеченост.
Мајка Тереза беше добитник на Нобелова награда за мир, а нејзиниот чудотворен карактер беше признаен од Римокатоличката црква. Церемонијата на беатификација на Мајка Тереза, беше чекор кон нејзино прогласување за светица и беше одржана во Рим во 2003-та година.
Миле Ристески
