На 60 локалитети пронајдени половина милион артефакти

05.08.2016 14:37

Најпосетен од музеите е Спомен- домот на Мајка Тереза кој го посетиле околу 700 илјади домашни и странски туристи. Министерството за култура го претстави сработеното за заштита, и промоција на културното наследство. На 60 тина локалитети пронајдени половина милион артефакти, отворени се нови 10 институции каде што се чува македонското културно наследство.

Над 500.000 артефакти од различни епохи се пронајдени на над 60-ина археолошки локалитети низ Македонија во изминатите неколку години. Голем дел од нив се изложени во поставките на десетината нови музеи, чија посетеност говори за нивната оправданост, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која на прес-конференција информираше за најзначајните проекти во областа на заштитата на културното наследство.

Наша цел беше соодветно да ги заштитиме и презентираме наодите кои беа пронајдени при бројните археолошки истражувања низ целата држава, да го реставрираме и ревитализираме нашето недвижно културно наследство, да ја унапредиме музејската дејност и преку софистицирани технички методи и интерактивна презентација да го добилижиме до секој посетител највредното од културното богатство на нашата држава... Сите вложувања, сите проекти кои ги реализиравме, ги оправдаа нашите заложби. Современите облици на презентација на музејските експонати го зголемија интересот на посетителите на нашите институции, а би ја истакнала и едукативната мисија која тие ја остваруваат, рече министерката за култура.

Се осврна на неколку крупни проекти од оваа област - проектот за обнова и реконципирање на музејските поставки, кој се реализира во 16 национални установи во земјава. Посочи дека по децениска пауза своја постојана музејска поставка доби и Музејот на современата уметност во кој се изложени непроценливи дела на домашни и странски автори од колекцијата на оваа институција. Меѓу другите ги спомна и новата музејска поставка во комплексот Етно село во Нерези, целосно обновениот објект и музејската поставка во Куќата на Татарчеви во Ресен, како и на Куќата на Андонови во штипско Ново Село...

Канческа-Милевска соопшти и податоци за посетеноста на музите кои се изградени во изминатите пет години. Рекордна, како што рече, е посетеноста на Спомен-домот на Мајка Тереза со 700.000 посетители од цел свет. Археолошкиот музеј, кој работи од пред речиси две години, досега примил повеќе од 60.000 домашни и странски посетители. Музејот на македонската борба, кој годинава прославува пет години постоење, го посетиле повеќе од 250.000 луѓе, а Спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево од 2011 година имала над 250.000 посетители. Музејот на вода во Охрид, пак, кој е културна и туристичка атракција, го виделе околу 300.000 домашни и странски туристи.