Ѓулен од САД го осуди налогот за негово апсење

05.08.2016 15:12

Ѓулен од 1999 година живее во егзил во Пенсилванија. Според него, налогот за апсење ги покажува недостигот на судската независност, и е под директна надлежност на авторитарната власт на Ердоган.

Турскиот свештеник Фетула Ѓулен кој  живее во САД и кој турските власти директно го обвинија за организирањето на неупешниот пуч со соопштение го осуди налогот за неговото апсење што го издаде Анкара. Ѓулен од 1999 година живее во егзил во Пенсилванија. Според него, налогот за апсење ги покажува недостигот на судската независност, и е под директна надлежност на  авторитарната власт на Ердоган.

„Издавањето потерница од турскиот суд не менува ништо во врска со мојот статус или моите ставови. Јас во повеќе наврати го осудив државниот удар во Турција и негирав каква било вмешаност.  Добро е документирано дека турскиот судски систем е без судска независност, така што овој налог е уште еден пример за тежнеењето на  претседателот Ердоган кон авторитатизам и отстапување од демократија“, изјави Фетула Ѓулен.

Портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер рече дека се разгледуваат новите документи   што ги испратила Турција а се поврзани со овој случај. Преписките Анкара-Вашингтон ги затегнаа и онака заладените односи, за што турскиот претседател Ердоган говореше и на државната ТРТ.

„Западниот свет не сака моќна Турција. Некои странски политичари се загрижени дека многу луѓе, вклучувајќи политичари, војници ја загубија работата. Јас само се прашувам дали сте забележале дека загинаа 239 цивили, а над две илјади се повредени во текот на државниот удар. Дали тие некогаш размислувале за тоа?“, рече Ердоган.

Ердоган најави чистка и во сопствените редови, особено на симпатизерите на пребеганиот проповедник Ѓулен. Речиси 60 илјади луѓе се отпуштени или суспендирани по неуспешниот воен преврат. Во интервјуто Ердоган ја најави и средбата со рускиот претседател на 9-ти август во Москва од која очекува добар напредок на сите полиња.

 

Маријана Димовска