Иванов: Сега е момент за хуманост
Увид во состојбите попладнево направи претседателот на државата и врховен командант Ѓорѓе Иванов, придружуван од началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Методија Величковски, скопскиот градоначалник Коце Трајановски, градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, како и од претставници на полицијата...

Превртени, заглавени и оштетени возила, целосно уништен род, наноси земја и свлечишта по патиштата, вода во домовите и подрумите, е сликата во најкритичните точки близу скопската обиколница кои беа најпогодени од синоќешното невреме.
Увид во состојбите попладнево направи претседателот на државата и врховен командант Ѓорѓе Иванов, придружуван од началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Методија Величковски, скопскиот градоначалник Коце Трајановски, градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, како и од претставници на полицијата.
Тие го информираа дека најевидентни се штетите во Стајковци и Црешово, каде е во прекин и дел од обиколницата. Банкината наместа е искривена, а неколку метри се вози по наноси земја, наместо по асфалт. Механизацијата е максимално ангажирана за расчистување на теренот со цел обезбедување непречено движење на возилата и населението.
Претседателот Иванов изрази сочувство и жалење за жрвите од невремето, како и за повредените. Информира дека на терен се 400 припадници на АРМ и 300 полицајци кои поделени по региони им помагаат на локалните жители.
Апелира граѓаните да помогнат и на веќе отворените пунктови да донираат вода, храна... зашто сега, како што потенцира, е момент за хуманост. Се очекува, додаде, да биде прогласен и ден на жалост, а ќе се отворат и жиро сметки каде ќе може да се донираат финансиски средства за санирање на штетите.
Досега ваква непогода не се случила. Штетите се огромни, но тие ќе се надоместат, а изгубените животи не може да се вратат. Ги повикувам сите граѓани да помогнат бидејќи сега тоа е најнеопходно. Летен период е, можни се многу непријатности. Понудена е медицинска помош, како и помош од сите институции. На најпогодените места каде моментно се наоѓаме, уништени се многу домови, како и инфраструктура, изјави Иванов.
Според претседателот, кризниот менаџмент е активиран, а Владата заседава.
Иванов кој ја посети и населбата Сингелиќ, по што продолжи во останатите најкритични точки од овој регион, нагласи дека како врховен командант презема се што е во негова надлежност и така ќе продолжи, институцијата Претседател максимално ќе се ангажира во рамки на нејзините ингеренции.
