Спротивставени гледишта на американската администрација за Македонија

30.01.2014 10:50

Американските сенатори и администрацијата на Белата куќа немаат исти ставови во однос...

Американските сенатори и администрацијата на Белата куќа немаат исти ставови во однос на надворешната политика на Соединетите Американски Држави. Додека сенаторите Џон Меккејн и Кристофер Марфи сметаат дека Македонија треба да стане членка на НАТО и не им е разбирлив односот на Грција поради спорот со името, заменик советникот за национална безбедност во Белата куќа, Бен Роудс, смета дека ова прашање треба да го решаваат Обединетите нации поради поголемото искуство без инволвираност на Вашингтон.

„Веруваме дека најдобар процес е процесот предводен од Обединетите нации. Тие имаат експертиза, искуство и меѓународен легитимитет да работат на ова прашање. Наш приод и во иднина ќе биде да го поддржуваме посредникот на ОН, но и целта да се продолжи со евроатланската интеграција“, вели Бен Роудс, заменик советник за национална безбедност во Белата Куќа.

Шефот на американската дипломатија Џон Кери на средбата со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос разменија мислење и за спорот со името, што укажува дека и во администрацијата на Барак Обама има разновидност околу надворешната политика. Едно е јасно, престојниот самит на НАТО во Велс, не е приоритет на Белата куќа, туку Азија и Пацификот.

Од времето на мандатите на Претседателот Клинтон до Буш, имало проширување на НАТО. Во првиот мандат на американскиот претседател Барак Обама немаше проширување и останува да видиме дали тоа ќе се случи до крајот на неговиот втор мандат.

 

Ирина Гелевска-постојан дописник на МРТ од Вашингтон

Снимател: Ристо Мишев