Повредените од поплавите не се во животозагрозувачка состојба

08.08.2016 12:28

Каква е состојбата со повредените, околу 40 кои биле згрижени во изминатото деноноќие на клиниката „Свети Наум Охридски“. Медицинскиот персонал постојано дежура. Нема пациенти во животна опасност...

Ниту еден од седумтемина повредени што се хоспитализирани на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ не е во животозагрозувачка состојба. Врз тројца се извршени оперативни интервенции. Според лекарите, станува збор за тешки скршеници на рацете и на нозете, исеченици од стакло и контузии. Меѓу повредените има и дете кое паднало од куќата додека расчистувале со родителите, во моментов е на Одделението за детска хирургија.

„Сите пациенти се на одделенијата за пластична и реконструктивна хирургија и на одделението за трауматологија и се во добра општа состојба. Направени се сите дијагностички процедури, ординирана е терапија, згрижени се раните и пациентите се во добра општа состојба. Дел од пациентите во текот на утрешниот ден најверојатно ќе си заминат дома, а другите ќе останат уште кратко време“, изјави д-р Јасминка Чабуковска, директорка на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.  

Повеќе од 40 граѓани повредени во поплавите во изминатото деноноќие побарале лекарска помош во клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“. Поради настаната ситуација – дежурале засилени медицински тимови. Повредени има и на другите клиники во Скопје. Вкупниот број повредени е околу 70 луѓе.

 

 

Андријана Атанасовска