Македонија тагува, знамиња на половина копје
Тажен ден за Македонија, денеска е ден на жалост за настраданите во поплавите во неколкуте скопски села и населби. Знамињата пред државните институции се на половина копје, за 21-та жртва на незапаметеното невреме...

Знамиња на половина копје. Главниот град осамна во непребол за своите сограѓани. Македонија тагува. Само за неколку часа водената стихија остави пустош зад себе. Однесе човечки животи, уништи илијадници домови, предизвика огромна материјална штета.
Поплавите и свлечиштата предизвикани од невремето земаа 21 жртва. Според официјалната информација на Министертсвото за внатрешни работи, само едно лице од загинатите не е идентификувано. Сите биле пронајдени во реонот на приградските населби Синѓелиќ, Стајковци, Црешево и на обиколницата кај Смилковци. Најмладата жртва е двегодишно момче, највозрасната ја надминува осумдесетгодишната возраст. Главно се жители на Ченто, Арачиново, Смилковци, Стајковци и Црешево, но настрадаа и жители на Куманово, Тетово и Крива Паланка кои сообраќале на обиколницата.
На вонредна седница, Владата донесе одлука на семејствата со загинати да им додели еднократна парична помош од 300.000 денари, а претходно такви одлуки донесоа градот скопје за 180.000 денари и Општина Гази Баба за 100.000 денари.
На истата седница прогласена беше и кризна состојба во скопскиот и тетовскиот регион во наредните 15 дена. Беа ангажирани тимовите на АРМ за пребарување и извлекување. Тие заедно со екипите на МВР и останатите служби го пребарувале теренот и работеле на извлекување на загрозено население, добиток и заглавени моторни возила.
Фиљана Кока
