Се санираат штетите во Стајковци

08.08.2016 12:58

Штетата е голема, поплавени ни се куќите, но продолжуваме да се бориме со последиците од стихијата, велат жителите на Стајковци, веројатно најпогоденото место во поплавите. Тие заедно со припадниците на армијата, полицијата, пожарникарите и од други институции се обидуваат да ги санираат штетите...

Солзи во очите на стотиците жители од поплавените места, кои ги загубија своите домови во силното невреме. Водата однесе човечки животи, причинета огромна материјална штета, угината стока, уништен род. Најдојдената вода се уште се црпи од подрумските простории.

„Војската вчера дојде, ја извлековме колата, рекоа дека немаат опрема, немаат пумпи. Сега дојдоа да испумпуваат. Сега дојдовме од Куманово, не можевме овде да спиеме, се е како блато.“

„Тука е зет ми, ќе дојде... Комшиите подолу се сами, имаат работа... Ама ќе се снајдеме“, велат жителите.

Во Стајковци сѐ уште е метеж, долги редици возила го закрчуваа тесното селско грло. Помош пристигнува од сите страни.

„Се живо е полавено, колата подрумот... цела куќа.“

„Кај нас дојдоа, немаше каде да спијат, креветите им се поплавија...“, сведочат жителите.

Стравична е сликата во скопското село Стајковци, кое најмногу настрада во поплавите кои се случија пред два дена. Сите интервентни екипи се на терен за да им помогнат колку што можат на настраданите семејства. Се црпи водата од подрумите, се исфрла ѓубрето и одроните кои што ги затрупаа куќите и дворовите на луѓето.

Амријата и полицијата се на терен. Претставници на институциите се со месното население.

„Да се расчистат автомобилите, денес приоритет е да се направат проодни улиците“, вели вицепремиерот Владимир Пешевски.

„Дополнително уште 30 пумпи треба да стигнат, и тоа очекуваме во најскоро време. Од механизација побаравме мали камиони, минимум пет ќе дојдат тука“, рече министерот Диме Спасов.

Саботните поплави однесоа 21 живот и причинија огромна материјална штета.

 

Анита Димитријевска