Одбележани 15 години од загинувањето на бранителите кај Карпалак
Денеска се навршија 15 години откако 10 македонски воени обврзници на Прилеп загинаа во заседа на патот Скопје-Тетово кај месноста Карпалак. Сеќавања, непребол и ветувања- никогаш да не се повтори...

Прилеп денеска се сеќава и одбележува. 15 години по „Карпалак“, ветувањата остануваат - никогаш нема да бидат заборавени 10-те бранители: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоским Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.
За семејствата непребол, за соборците- остварување на правата. Крајно време е и да има споменик на месноста „Карпалак“.
„Непребол е до денеска. Не можам се уште да сфатам дека го нема син ми Марко Деспотоски. Мојата порака е никогаш да не се повтори ова“, вели мајката на Марко Деспотовски, Илинка Петреска.
„Останува да се завршат обврските околу здравственото осигурување и за вработувањата“, вели Игор Петрески, претседател на здружението „Карпалак“.
Прилеп да ги памти бранителите со аманет градот да се развива.
„Прилеп и Македонија живеат со овој ден на тага- да не се повтори никогаш повеќе, а понатаму да се радуваме само на убави работи, проекти и просперитет“, изјави градоначалникот на Прилеп, Маријан Ристески.
Државата ќе се грижи за семејствата, а македонската армија подготвена да ги брани суверенитетот и интегритетот на државата.
„Ќе продолжиме да се грижиме за нивните семејства, бидејќи АРМ се грижи за своите припадници“, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
Синоќа почит за бранителите во прилепската касарна, а изутрината на нивните гробови се развеа јарболот со знамето.
Елизабета Митреска
