Се санираат последиците од невремето, водата тешко се повлекува

08.08.2016 16:10

Жителите на најпогодените места во скопскиот регион сѐ уште водат борба со надојдената вода. Со машини ја испумпуваат од куќите и дворовите. Секој метар што останува сув го покажува ужасот од невремето...

Се вратил од Германија за да го помине летото со роднините, но наместо сонце го дочека поплава. Чедомир Лазаревски од скопско Стајковци за МТВ ја раскажа својата тажна приказна. Вели, повеќе од 50 илјади евра децениска заработка инвестирана во домот и покуќнината отпловија однесени од водата.

„Војската вчера дојде, ја извлековме колата, рекоа дека немаат опрема, немаат пумпи. Сега дојдоа да испумпуваат. Сега дојдовме од Куманово, не можевме овде да спиеме, се е како блато“, изјави Чедомир Лазаревски, жител на Стајковци.

Неколку чекори подолу на истата улицата со број шест заткнавме подеднакво тажна слика.

„Тука е зет ми, ќе дојде... Комшиите подолу се сами, имаат работа... Ама ќе се снајдеме“, велат жителите.

„Се живо е полавено, колата подрумот... цела куќа.“

„Куќата од 300 илјади евра е целосно уништена, од трети спрат до подрумот...“

„Кај нас дојдоа, немаше каде да спијат, креветите им се поплавија...“, сведочат жителите.

Во Стајковци сѐ уште е метеж, долги редици возила го закрчуваа тесното селско грло. Помош пристигнува од сите страни.

Сите интервентни екипи се на терен за да им помогнат колку што можат на настраданите семејства. Се црпи водата од подрумите, се исфрла ѓубрето и одроните кои што ги затрупаа куќите и дворовите на луѓето.

Стајковци беше најпогодено село од поплавите. Но, со водената стихија се справуваа и жителите на Ченто, Смиљковци и Црешево.

Претставници на државните институции и на политичките партии излегоа на терен за да помогнат во расчистување на ѓубрето и санирање на штетите.

„Да се расчистат автомобилите, денес приоритет е да се направат проодни улиците“, вели вицепремиерот Владимир Пешевски.

„Дополнително уште 30 пумпи треба да стигнат, и тоа очекуваме во најскоро време. Од механизација побаравме мали камиони, минимум пет ќе дојдат тука“, рече министерот Диме Спасов.

„Капацитетот на пумпите е 1.500 литри во минута, тоа е сериозен капацитет... 120 машини, 110 пумпи, скипери каминони, тука е се што може да се движи...“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Време е за конкретна помош на граѓаните, овде сме соберени од СДСМ и неколку институции предводени од СДСМ, општинските инстутции на Куманово, Струмица и Центар кои доаѓаат со свои ресурси, ги ставаат целосно на располагање на државниот штаб и на Градот Скопје, како и штабот на Општина Гази Баба, во функција на организирано и координирано помагање“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Саботното невреме однесе 21 живот и причини огромна материјална штета.

 

Анита Димитријевска