Хуманитарна акција за помош на настраданите

08.08.2016 16:25

Граѓани, организации, општини, компании, синдикати донираат за настраданите во поплавите. Се испраќаат пакети со храна, вода, средства за хигиена. На бесплатниот телефонски број се собрани над 5 милиони денари...

Македонија се солидаризираше со настраданите во невремето. Хумани граѓани, компании, синдикати, општини испраќаат пакети со помош,  храна, вода, средства за хигиена и за дезинфекција.

На телефонскиот број 143-400 граѓаните може да донираат 100 денари од сите мобилни оператори. Досега се донирани над 5 милиони денари.

На повеќе локации се отворени пунктови за донациии.

„Дониравме вода, облека, тоалетна хартија, храна...“, велат граѓаните што ги затекнавме кај Момин Поток.

Волонтери од  црвениот крст се на терен.

„Присутни сме во ОУ Наум Наумовски- Борче, 25-ти Мај во Сингелиќ, и ОУ Кирил и Методиј во Стајковци“, изјави Сузана Тунева-Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје.

„Досегашните бројки кажуваат дека некаде одколу 2.500 пакети со храна се дистрибуирани, а ако се земе предвид дека еден пакет со храна е наменет за 4 лица, тогаш околу 10.000 лица се обезбедени“, вели Александра Ристовски, Црвен крст.

И дел од компаниите се вклучија во хуманитарните акции.

„На терен сме од 8 часот и ќе бидеме тука до кога ќе биде потребно да ги спремеме овие пакети и да ги дистрибуираме до оние на кои им е најпотребно“, изјави Ламбро Паче, менаџер за односи со јавноста во приватна фирма.

Општините  од цела Македонија испраќаат помош за настраданите.

И од Сојузот на синдикатите на Македонија ги повикаа сите хумани луѓе да се вклучат во делот на спроведување на оваа хуманитарна акција

Надлежните апелираат до луѓето кои се во можност да се вклучат во акцијата  да помогнат.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска