За пет минути загубивме сѐ: Ноќ под туѓ покрив за жители на Стајковци
Водата престана да носи животи и покуќнина, но сѐ уште дивее во соништата на оние кои останаа без своите домови. А, некои од нив, по 70 години, сега се принудени да спијат под туѓ покрив. Шести август им промени сѐ...

На седумдесет години- бездомници. Димитрие и Даница Димовски во кесата со лекови и четири блузи го спакуваа својот живот. Големата поплава им го расипа мирот штo планираа да го живеат во родното Стајковци. Изутрината се разбудија под туѓ покрив, во ученичкиот дом „Партенија Зографски“. Велат, не постои време што ќе ги избрише сеќавањата од саботната вечер кога обичниот дожд се претвори во убиствена бура.
„Викам да видам што е работата, кога одеднаш водата удри во мене и ме турна долу. Велам- Данче ќе се удавиме, а вратата никако не можеме да ја затвориме. Кај гаражата имаме едно како магацинче и по степениците се качивме, да оставиме на Господ, Господ и никој друг. Викавме за помош, но од водата и да сака некој да дојде, не можеше“, сведочи Димитрие Димовски.
Водата во Стајковци престана да носи животи и покуќнина, но се уште дивее во нивните соништа.
„Не можам да се помирам со судбината, да изгубиш сѐ за 5 минути... Да не беа тие скали- ќе бевме во Вардар, може и подобро ќе беше така, да не се мачиме вака...“, велат Димитрие и Даница.
Дали спасениот живот е доволно да се радуваат?! Димитрие и Даница сега се надеваат на државата и на хуманите луѓе за скромно да ја проживеат староста.
„Од ’69-та година тоа што печалевме- сега ништо нема, нема кај да се вратиме“, вели Даница низ солзи.
Во интернатот судбината ја делат триесетина луѓе. Националноста, верата и возраста се различни, но желбата иста- никогаш повеќе да не се повтори!
Катерина Топалова
