Македонија тагува за жртвите од поплавите

08.08.2016 16:45

Македонија тагува за жртвите од поплавите. Во земјава е прогласен Ден на жалост. Знамињата се на половина копје...

Знамиња на половина копје. Главниот град осамна во непребол за своите сограѓани. Само за неколку часа водената стихија остави пустош зад себе. Однесе човечки животи, уништи илијадници домови, предизвика огромна материјална штета.

Поплавите и свлечиштата предизвикани од невремето земаа 21 жртва. Според официјалната информација на Министертсвото за внатрешни работи, само едно лице од загинатите не е идентификувано. Сите биле пронајдени во реонот на приградските населби Синѓелиќ, Стајковци, Црешево и на обиколницата кај Смилковци. Најмладата жртва е двегодишно момче, највозрасната ја надминува осумдесетгодишната возраст. Главно се жители на Ченто, Арачиново, Смилковци, Стајковци и Црешево, но настрадаа и жители на Куманово, Тетово и Крива Паланка кои сообраќале на обиколницата.

Градските власти отворија книга на жалост. Сите граѓани коишто сакаат да се запишат во неа ќе моќе да го сторат тоа до 21 часот во салата на Советот на Град Скопје. 

Човечките животи се неповратни, сè друго може да се санира, изјави министерот за внатрешни работи, Митко Чавков при посетата на погодените населени места. Според него ситуацијата е специфична, но се надева дека нема да се зголеми бројката на загинати.

На вонредна седница, Владата донесе одлука на семејствата со загинати да им додели еднократна парична помош од 300.000 денари, а претходно такви одлуки донесоа Градот Скопје за 180.000 денари и Општина Гази Баба за 100.000 денари. На истата седница прогласена беше и кризна состојба во скопскиот и тетовскиот регион во наредните 15 дена.

Во моментов, припадници на армијата, полицијата, луѓе од дирекцијата за заштита и спасување се ангажирани на терен за справување со последиците од невремето.

Фиљана Кока