Пронајдено телото на 12- годишно момче, се трага по 16- месечно девојче
Синоќа е пронајдено телото на 12- годишното момче од Стајковци што беше пријавено за исчезнато во полавите. Министерството за внатрешни работи соопшти дека се трага по исчезнато 16- месечно девојче, што било пријавено вчера. Од саботното невреме животот го загубија 22 лица...

Трагично заврши потрагата по 12- годишниот Иван Илиев од скопско Стајковци. Телото го пронашол неговиот татко и јавил во полиција. Во саботата приквечер детето со дедо си се возеле со трактор по улица во Стајковци кога силни млазови вода се откроиле од небото. Надојдената вода го превртела тракторот, по што водата го одвлекла детето кон месноста Попово маало од каде што му се губи трагата. Детето го барале специјалните служби, но не го нашле. Два дена подоцна таткото го пронашол мртвиот син на последната постојката на која сообраќа автобусот 65-ка во населбата Сингелиќ.
Полицијата на терен ја бара и 16-месечната Елиф Фејзула, која исчезнала во поплавите на скопската обиколница во близина на Смиљковското езеро. За време на поројот, женското бебенце било во автомобил со својот татко, сега починатиот Фуркан Фејзула. Надојдената вода го одвлекла автомобилот, по што на детето му се губи секаква трага.
Бројот на загинати во силното невреме се искачи на 22-ца. Телата на претходно починатите, по налог на јавниот обвинител и извршената идентификација се предадени на семејствата. Дел од нив во изминатите 48 часа се соочуваа со проблем околу обезбедување папирологија за закоп, но изутрината и тој проблем е решен, велат надлежните.
Од градските гробишта Бутел потврдуваат дека семејствата на загинатите ги подигнале телата откако лекарите од Поликлиниката Букурешт им ги издале потребните документи.
Дел од семејствата, како што информираат од „Здравствен дом Скопје“ ги добиле потврдите за починати лица во текот на вчерашниот, а некои во текот на денешниот ден.
Анита Димитријевска
