Водовод: Водата за пиење во поплавените подрачја е санитарно исправна
Првичните резултатите од сите мерења укажуваат на санитарно исправна вода за пиење, соопштуваат од јавното претпријатие...

Првичните резултати од испитувањата на водата во поплавените подрачја во скопско укажуваат на санитарно исправна вода за пиење, соопшти денес ЈП Водовод и канализација- Скопје.
Стручни тимови на Центарот за санитарна контрола на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Центар задолжен за секојдневен мониторинг на водата за пиење од водоводниот систем на Град Скопје и утврдување на санитарната исправност на истата, во неделата излегоа на терен да извршат теренски мерења и да земат примероци на вода од мерните места, кои ги опфаќаат кризните подрачја, со акцент на зафатените од природната стихија.
Резултатите од сите теренски мерења од аспект на механичко загадување (маснотија) и концентрација на резидуалниот хлор во системот беа во рамките на максимално дозволените концентрации, а лабораториските испитувања покажаа физичко-хемиска и микробиолошка исправност, согласно Правилникот за безбедност на водата за пиење.
Исто така тимови од Центарот и во текот на вчерашниот ден повторно ги посетиле кризните подрачја и земаа примероци од вода за пиење. Првичните резултатите од сите мерења укажуваат на санитарно исправна вода за пиење, соопштуваат од јавното претпријатие.
